Надал: Зверев е подобар тенисер од Ѓоковиќ и тоа е крај на приказната!
Српскиот ас победи еден од нив, а другиот го доведе до крајни граници во финалето, што му донесе и искачување на третото место на АТП-листата. И покрај бројните пофалби за неговите настапи, Тони Надал излезе со изјава која предизвика реакции во тениската јавност. Чичкото и поранешен тренер на Рафаел Надал смета дека Александер Зверев е третиот најдобар тенисер во моментов и дека е подобар од Ѓоковиќ – тврдење кое сигурно ќе се анализира и коментира во деновите што следуваат.
Тој во своето објаснување истакна дека Зверев поседува врвен квалитет, но и сериозен ментален проблем. Според него, Германецот често не успева да ги затвори мечевите во клучните моменти, иако неговото најсилно оружје е сервисот.
„Зверев е опасен ривал и, по мое мислење, денес е подобар од Ѓоковиќ, но му недостига нешто. Да го добиеше мечот против Алкараз, веројатно ќе победеше и во финалето. Тоа ќе му донесеше самодоверба и ќе го ослободеше од притисокот околу гренслем-титулата“, изјави Надал.
Ѓоковиќ неодамна изјави дека Алкараз го гледа како свој наследник, но се надева дека во иднина ќе се појави и „некој трет“. Слично размислува и Надал сениор, кој смета дека ниту еден од младите тенисери во моментов нема капацитет да се носи со Алкараз и Синер.
„Не гледам играчи од 17, 18 или 19 години кои веќе покажуваат дека можат да бидат број еден. Во моментов, Алкараз се натпреварува со Синер, потоа со Зверев, а другите што се очекуваше да бидат тука – како Рубљов, Циципас и Медведев – некако исчезнаа“, истакна Надал, без притоа да го спомене Ѓоковиќ.
Иако дел од неговите изјави на сметка на српскиот ас беа оспорени, Тони Надал посочи и на поширок проблем – дека актуелната тениска ера е послаба во споредба со периодот кога доминираа Ѓоковиќ, Надал и Федерер.
„Алкараз може да оди многу далеку. Има одлични физички и технички предиспозиции, но и среќа – ривалите денес се на пониско ниво. Порано, ако Надал или Ѓоковиќ играа против Дел Потро, Вавринка или Мареј, знаеш дека мечот ќе биде исклучително тежок“, изјави тој за шпанско радио.
На крајот, Надал повторно го издвои Зверев како единствениот што потенцијално може да им се закани на Алкараз и Синер – под услов да промени одредени навики во играта и менталниот пристап.
„Му реков дека со таков сервис мора да игра многу поагресивно. Знаеш дека ќе ти земат неколку брејка, затоа преземај ризик. Тоа е единствениот начин да направи исчекор“, заклучи Надал.
ФОТО: EPA PHOTO