Челси поради едно правило на УЕФА во ЛШ нема да може да игра дома?

Челси би можел да се соочи со неочекуван проблем во Лигата на шампионите, откако малку познато правило на УЕФА би можело сериозно да му ги искомплицира плановите и да го принуди домашниот натпревар од осминафиналето да го одигра на неутрален терен.

Екипата од „Стемфорд Бриџ“ го обезбеди пласманот во нокаут-фазата со победата од 3-2 над Наполи во средата навечер, но веднаш потоа се појави неочекуван проблем, пишува „Дејли мејл“.

Станува збор за правило на УЕФА според кое во ист град не смеат да се играат повеќе натпревари од Лигата на шампионите во иста вечер. Целта на ова правило е да се обезбедат соодветни безбедносни мерки и да се избегне преоптоварување на локалните безбедносни служби.

Со оглед на тоа што лондонските ривали Арсенал и Тотнем завршија пред Челси во лигашката фаза, тие имаат предност при изборот на термините за натпреварите што ќе се играат на 17 и 18 март. Тоа значи дека Челси, како послабо пласирана екипа, би можел да остане без можност да го пречека својот противник на „Стемфорд Бриџ“.

Наместо тоа, „сините“ би морале да пронајдат алтернативен стадион за својот домашен натпревар, што би претставувало удар врз нивните амбиции во елитното натпреварување. Според правилата на УЕФА за нокаут-фазата, националниот сојуз и засегнатите клубови се должни однапред да одредат и да пријават алтернативен стадион на кој натпреварот може да се одигра во таа недела.

Во продолжение се наведува:

„Во таков случај, екипата која била послабо пласирана во лигашката фаза на натпреварувањето мора да го одигра натпреварот на заменски стадион“.

Сепак, правилникот нуди и уште една можност, а тоа е промена на домаќинствата, однносно првиот натпревар Челси да го одигра на домашен терен, место да го менува стадионот за вториот. Останува да се види во наредните денови што ќе се случи во ситуацијата на Челси.