Чаир се врати и го освои Куманово
Чаирчани славеа со 76-71 што за нив е петти триумф во последните шест кола. Куманово беше апсолутен фаворит на мечот, но својата улога не ја оправда на паркетот и на крајот го доживеа вториот пораз на домашен терен оваа сезона.
Излезе дека клучна беше првата четвртина во која Чаир ја направи својата најдолга серија (9-0) и ја доби со 21-13. Нешто подоцна гостите ја достигнаа и својата највисока предност (27-15), а и покрај големите напори, МКК Куманово до крајот не успеа да се врати во водство. На 52 секунди пред крајот израмни на 70-70, но тука застана бидејќи Чаир одговори со шест поени во низа и ја заклучи својата победа.
Стардивант со 20 поени беше најефикасен кај Чаур, Четмен постигна 17, а Билингсли оствари дабл дабл со 15 поени и 11 скока. Луковиќ беше прво име кај МКК Куманово со 23 поени и осум скока.