Германија се распадна - Данска оди во полуфинале
Актуелниот олимписки шампион ја прегази Германија во мечот од третото коло на главната фаза, со 31-26 и застана на првото место на табелата кое го дели со вечерашниот ривал. Во случај на триумф против Норвешка во последното коло, Данците ќе го освојат првото место во групата и ќе имаат големи шанси да стигнат до финалето. Но, дури и во случај на пораз во тој меч, Данска ќе биде најмалку втора бидејќи ја победи и Франција која единствено може да ја стигне.
Вечерва Германија беше рамноправна во првото полувреме, Данска во два наврати имаше предност од три разлика, но на голем одмор беше 13-12 за скандинавците. Така беше до 38. минута кога почна походот на данската репрезентација. По водството од 15-14, домаќините на овој меч направија 8-2 во следните деесетина минути и отидоа на огромни 23-16 што беше и нивно највисоко водство. Најмногу што Германија потоа успеа да се доближи беше на -4 (24-28), во 56. минута, но далеку од тоа дека беше загрозена победата на Данска.
Гитсел и Питлик го торпедираа германскиот гол, по осум пати ја тресеа противничката мрежа, а се истакна и голманот Нилсен со 14 одбрани. Кај Германија, Ушчинс постигна шест гола, но од 13 шута.
Во последното коло, на Германија ѝ е доволен и бод во дуелот со Франција за да го визира пласманот во полуфиналето од Европското првенство.