Капитенот на Македонија има нов клуб – ќе игра за најдобрите во Чешка!

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев, од денеска е нов член на екипата на Карловарско, лидерот во чешката Екстралига, со што ја продолжува интернационалната кариера во едно од најквалитетните европски првенства.

Чешкиот клуб официјално го потврди ангажманот на најдобриот македонски одбојкар, кој по половина сезона мината во Рапид Букурешт реши да ја промени средината. За 37-годишниот Ѓоргиев ова ќе биде 21. сезона во странство и прв настап во Чешка, а трансферот има и репрезентативна димензија – преку силни натпревари во Екстралигата, капитенот ќе ја темпира формата за настапот на Македонија на ЕП во септември во Бугарија.

„Повеќе од две децении сум надвор од Македонија и првпат ќе играм во Чешка. Многу сум среќен што се приклучувам на успешниот Карловарско, кој има одлична сезона. Се надевам дека ќе останеме здрави, ќе ја продолжиме добрата серија и ќе ги оствариме целите. Со нетрпение очекувам да се видиме во салата и да освојуваме нови победи и трофеи“, изјави Ѓоргиев.

Со овој трансфер, македонскиот капитен добива нова силна сцена за докажување, додека Карловарско во завршницата од сезоната добива искусен лидер со богато меѓународно искуство.