Сабаленка едвај ја совлада руската убавица на пеколната горештина во Мелбурн!
Белорусинката славеше во меч одигран во екстремни услови на „Род Лејвер арената“, каде што високите температури дополнително го отежнаа дуелот. Иако Потапова никогаш досега немаше поминато подалеку од третото коло на грен-слем турнир, Русинката која игра под австриско знаме одигра без респект кон светската лидерка и уште од стартот влезе во отворена размена на удари. Првиот сет донесе серија брејкови и долги разигрувања од основната линија, а Сабаленка пропушти дури четири сет-топки во 12. гем, пред сепак да ја реши завршницата во тај-брејк.
Во вториот сет, Сабаленка поведе со 3-0 и изгледаше дека чекори кон рутинска победа, но Потапова повторно се врати во игра, ги врати двата брејка и израмни на 4-4. Драмата кулминираше кога светската број еден сервираше за мечот, но дозволи нов тај-брејк, во кој мораше да спасува четири сет-топки пред конечно да ја скрши отпорноста на противничката.
Со оваа победа, Сабаленка ја продолжува одбраната на титулата во Мелбурн, а во осминафиналето ја очекува нов сериозен предизвик – дуел со Викторија Мбоко, млада канадска сензација која претходно ја елиминираше Клара Таусон.