Ливерпул го чека пекол на „Велодром“, Челси го пречекува Пафос

Вечерва на програмата се останатите дуели од седмото коло во Лигата на шампиони (ЛШ), а актуелниот англиски шампион Ливерпул ќе гостува кај Олимпик Марсеј, додека Челси има голема шанса да освои нови три бодови, зашто на домашен терен го пречекува Пафос.

Уго Екитике се враќа во Франција, каде што со „црвените“ игра важен натпревар против Марсеј во седмото коло. Се очекува токму тој да биде предводник на нападот на Ливерпул кој ќе лови три бодови на „Велодром“.

„Возбуден сум што се враќам во Франција. Марсеј е клуб кој го следев уште како дете, заедно со ПСЖ. Ми се допаѓа атмосферата на стадионот, клубот има неверојатни навивачи“, кажа Екитике.

На друга страна е Марсеј, кој мора да победи, а тренерот Роберто Де Зерби остана без услугите на Емерсон Палмиери.

„Победата може да ни ја промени сезоната, зашто така би се квалификувале понатаму. Сепак, еден резултат не менува сè. Имам силен тим, подготовките беа тешки. Мора да ги поправиме грешките“, кажа Де Зерби.

Челси на кормилото го има новиот тренер Лиам Росениор, кој ги предводеше „сините“ на три натпревари, при што оствари две победи и еден пораз.

Росениор сè уште се труди да ја најде добитната комбинација во тимот, но посочи дека ќе влезат внимателно против аутсајдерот.

„Ќе биде одлично да го избегнеме плејофот и да се пласираме во топ-8. Се фокусираме на натпреварот. Пафос не е лесен противник, тие се во позиција да се изборат за место кое води понатаму“, посочи Росениор.

 

Фото: Liverpool FC/Facebook