„Марка“ со манипулантски наслов сака да му наштети на Димитриевски!?

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски одигра одличен меч против Хетафе и притоа ѝ помогна на Валенсија да слави со 1-0, поради што доби оценка од 7,9 од „СофаСкор“, но набрзо стигна објава од популарниот шпански медиум „Марка“ кој објави манипулантски наслов.

„Марка“ објави дека Димитриевски по година ипол конечно имал „чиста мрежа“ во Ла Лига и потсети дека претходниот пат кога не примил гол била средбата на 12 мај 2024 година меѓу Рајо Валјекано и Валенсија, сепак интересно е тоа што медиумот нема наведено дека македонскиот голман по доаѓањето кај „лилјаците“ бранеше само шест пати во Ла Лига.

Димитриевски не е прв голман во Валенсија, за што зборуваше и во гостувањето во подкастот на Стефан Лазаров, каде што кажа дека шпанската екипа има договор да го форсира Хулен Агирезабала кој пристигна на позајмица од Атлетик Билбао.

Агирезабала не е најдобар оваа сезона, односно прими дури 30 голови во Ла Лига, но ниту тоа не беше причина тренерот Карлос Корберан да му даде шанса на Димитриевски, туку реши и да го казни поради изјавите во подкастот на Лазаров.

Да потсетиме, Димитриевски пред неколку дена бранеше и во Купот на Шпанија против Бургос и ја зачува својата мрежа поради што повторно доби висока оценка.

Фото: Valencia FC/Facebook