Кузмановски: Заслуживме место во втората фаза, но - не го издржавме притисокот!

Македонската ракометна репрезентација со тешка победа над Романија (24-23), која е значајна за иднината, речиси сигурно го завршува настапот на ЕП 2026 во Хернинг, бидејќи за место во вториот круг ни треба Данска да ја победи Португалија со неверојатни 18 гола разлика.

По завршувањето на мечот, еден од најискусните во составот, Филип Кузмановски, искрено зборуваше за чувствата во тимот, нагласувајќи дека победата мора да се цени, но и дека постоело чувство оти Македонија можела повеќе.

„Мора да бидеме задоволни со победа на ЕП, можеби очекувавме повеќе зашто бевме поквалитетни за овој резултат на крај. Во второто полувреме влеговме со голем притисок зашто сакавме да дојдеме во висока предност за пласман во втора фаза. Треба да бидеме свесни дека имаме квалитет за нешто повеќе и ако имавме малку среќа заслужувавме да сме во следниот круг. Покажавме дека веруваме во себе и во иднина треба уште повеќе, а тоа треба да го покажеме и на теренот“, изјави Кузмановски.

Македонија со минималната победа ги задржа шансите до самиот крај, но недостигаше поголема гол-разлика која ќе донесеше и реална надеж за продолжување на турнирот.

„Да победевме со поголема гол-разлика ќе се надевавме на нешто, сепак ќе уживаме во мечот на Данска и Португалија. Треба да бидеме среќни со победата против Романија. Им благодариме на сите навивачи. Среќни сме што останавме здрави до крај, одиме понатаму“, додаде македонскиот репрезентативец.

Оваа победа значеше трето место во групата, кое можеби не носи пласман меѓу 12-те најдобри на Стариот континент, но носи далеку полесен пат кон СП 2027 со само еден бараж-дуел со полошо рангирана селекција.