Владо Илиевски доби функција во Кошаркарската федерација
Откако во 2017 година ја заврши играчката кариера во дресот на Работнички, а една година подоцна се обиде да стане претседател на КФМ, денеска тој официјално стана координатор на сите национални репрезентативни селекции. Преговорите почнаа уште во октомври, а финализирани се сега, пред месецот во кој претстојат нови натпревари на машката сениорска репрезентација во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
„Именувањето на Владо Илиевски претставува силна порака за јасна визија, континуитет и системски развој. Станува збор за една од најголемите фигури во историјата на македонската кошарка, поранешен долгогодишен репрезентативец, лидер на теренот и дел од најуспешната генерација на националниот тим, со која беше испишана историја на Европското првенство во 2011 година.
Неговото огромно меѓународно искуство, длабокото познавање на репрезентативниот систем и авторитетот што го ужива во кошаркарските кругови ќе бидат ставени во функција на унапредување на работата на сите сениорски и младински национални селекции, подобра координација меѓу нив, како и дефинирање на стратешки насоки за нивен долгорочен развој“, стои во соопштението на МКФ.
Новиот кооординатор ќе има важна улога при изборот на новиот селектор откако Марјан Илиевски денеска поднесе оставка на својата функција.