Арсенал се бетонира на првото место во ЛШ, Реал го одигра најдобриот натпревар сезонава (ВИДЕО)

Екипата на Арсенал го обезбеди првото место на крајот од основниот дел во Лигата на шампионите откако вечерва го совлада Интер во Милано со 3-1.

„Топчиите“ со тоа остануваат единствени непоразени во елитното натпреварување и нема шанси никој да ја стигне нивната гол-разлика, а ако се знае дека во последното коло го пречекуваат аутсајдерот Каират, јасно е дека од првото место ќе го очекуваат својот ривал во осминафиналето. Интер, од друга страна, го претрпе третиот пораз во низа и си го доведе во опасност пласманот во топ-8 што се очекуваше дека ќе биде рутина по победите во првите четири кола.

Арсенал вечерва беше апсолутно подобар тим, а херој на лондонскиот тим беше Габриел Жезус. Бразилецот го отвори резултатот во десеттата минута, а по израмнувањето на Сучиќ, во 31. минута повторно го доведе во водство својот тим. На негово место во второто полувреме влезе Ѓокереш и Швеѓанецот веднаш го искористи за да ги постави конечните 3-1.

Реал Мадрид го одигра својот најдобар натпревар сезонава и го совлада Монако на домашен терен со 6-1. По поразот од Барселона во финалето на Суперкупот и елиминацијата од второлигашот Албасете во Копа дел Реј, ова беше мелем на „кралските“ рани.

Блескаше Винисиус кој постигна еден гол и три асистенции, Мбапе два пати ја тресеше мрежата на својот поранешен клуб, по еднаш погодија Мастантуоно и Белингам, а единнствениот гол за Монако беше дело на Тезе. Во последното коло Реал ќе гостува во Лисабон, кај Бенфика.

Од денешните натпревари, за издвојување е асистенцијата на Елиф Елмас во дуелот со Копенхаген (1-1) и поразот на европскиот шампион ПСЖ на гости кај Спортинг (1-2).

РЕЗУЛТАТИ
Каират - Бриж 1-4
Бодо - Манчестер Сити 3-1
Копенхаген - Наполи 1-1
Интер - Арсенал 1-3
Олимпијакос - Баер 2-0
Реал - Монако 6-1
Спортинг - ПСЖ 2-1
Тотенхем - Борусија 2-0
Виљареал - Ајакс 1-2