„Не работам за да си ја задржам работата, тука сум да направиме нешто големо - за Македонија“
Лазаров е задоволен од прикажаното на Европското првенство иако е свесен дека можевме и подобро.
„Во животот не може секогаш да победуваш, понекогаш треба да изгубите, да паднете и повторно да се кренете. Ние покажавме дека имаме квалитет, имаме идеја, играме различно. Дека имаме недостатоци, имаме многу, треба да се изанлизира сето ова и да бидеме уште подобри. Мислам дека оваа репрезентација треба да расте, ова е големо искуство особено за помладите, кои имаат помал број на натпреварувања на голема сцена. Ако сме паметни и ако работиме квалитетно мислам дека можеме да направиме чекор напред. Тој чекор не треба да го очекуваме да е голем, но треба да е чекор напред. Исто како и сега, направивме чекор напред, но секогаш останува она дека можевме и подобро. Подобро по потешкиот пат да одиме, да не прескокнуваме скалила, сигурен сум дека ќе дојдат подобри денови“, рече Лазаров.
Тој вели дека неговата цел не е да работи за да си ја задржи селекторската функција, туку да напредува македонската репрезентација и да направи нешто големо со неа.
„Имам амбиции, сакам да направиме нешто. Каде и да работам сум таков, така и ќе се поставуваме како репрезентација, немаме друг избор. Не сум тука за да направам нешто со цел да го задржам работното место, сакам да направам и да направиме нешто големо. Така размислувам јас. Тие што мислат дека правам се за да останам, не е така, сакам нешто да направиме и да оставиме нешто позади нас, дека тоа е нова генерација, со нови ракометари кои се компетативни со најдобрите итн. Не е воопшто лесно како Македонец, но ќе работиме на тоа“, заклучи селекторот.