Кузмановски: Јас ќе го дадам максимумот, но сакам утре друг да биде играч на мечот!

Капитенот на македонската репрезентација, Филип Кузмановски против Португалија имаше историски меч постигнувајќи 15 голови, тој е свесен дека е исклучително тешко истото да го повтори и против Романија, па вели дека посакува некој друг да се истакне и да биде лидер.

Популарниот Фитиљ смета дека сега сме поискусна репрезентација и подобра од претходните шампионати, тоа се виде против Португалците.

„Имаме многу играчи во нашиот состав кои имаат многу одиграно на овие Европски и Светски првенства. Исто имаме и многу играчи што во македонското првенство имаат важни улоги во своите клубови, кои се главни играчи, кои носат одлуки, играат дерби натпревари, мислам дека сето ова е пренесено во репрезентацијата е многу значајно, мислам дека сме позрели, дека уште подобро се познаваме и тоа доаѓа до израз. Не покажуваме квалитет 10-15 минути, покажуваме квалитет 60 минути. Тука нема да застанеме, имаме уште квалитет да одиме напред, да напредуваме и да бидеме поквалитетни во секој нов предизвик“, рече Филип Кузмановски.

Тој вели дека целта за утре е да се победи Романија, а ако се укаже можност да се направи и гол разлика.

„Сите прават математики како би поминале понатаму. Јас ќе им кажам на моите соиграчи да веруваат. Ние ќе бидеме среќни со победа, а потоа ако ни се укаже некоја шанса ќе гледаме да направиме разлика. На Романија можеби целта им е да ја победат Македонија, но ако ние одиграме како против Португалија, мислам дека нашата победа е загарантирана. Треба да влеземе со ладни глави, мирни, 60 минути концентрација, да одиграме онака како што е договорено, да се испочитува тактиката и мислам дека на крајот треба да се радуваме“.

Кузмановски смета дека нашите ракометари имаат бенифит од квалитетното домашно првенство и големиот број на дерби натпревари кои ги играат.

„Со улогите во клубовите во домашното првенство самодовербата расне, многу дерби натпревари кога ќе одиграш стекнуваш некаква самодоверба. Треба повеќе да веруваме во нас, навистина имаме квалитет, треба да го смениме нашиот менталитет и како вчера да се враќаме од негатива, да не мислиме дека е готово. Сега покажуваме дека можеме и го покажуваме тоа на терен. Во Швајцарија на пријателските мечеви со сите губевме и на крај секогаш доаѓавме до позитивен резултат. Повеќе веруваме и позрели сме, играчите така се чувствуваат и го покажуваат тоа на теренот. Можеби вчера ни фалеше и малку среќа за да победиме. Но ментално и физички сме подобри од претходните првенства, можеме со сите да се натпреваруваме“.

Смета дека одбрата функционира одлично, но жали за двете неосвоени топки по одбраните на Томовски во последниот напад на Португалија.

„Мора да има пофални зборови и за одбраната како функционираше во второто полувреме со тие исклучоци. Навистина се спремавме периодов со Џонов, Петар, Никола Марковски... но и без нив најдовме решение за Португалија во второто полувреме, кога се кршеше резултатот кога се играше гол за гол како сите одговорија на таа задача, како пожртувано сите се бореа 60 минути еден за друг. Тоа беше и планот, тоа беше и мотивацијата пред натпреварот. Ние се потрудивме во одбраната да му помогнеме на Томовски, штета што не ги искористивме тие двете одбиени топки и да се радуваме на крај, но така требало да биде, да имаме повеќе среќа во следниот натпревар“.

Ќе му биде мило доколку друг играч го направи она што тој го направи вчера, да се истакне и да биде лидер во нова победа за Македонија.

„Се надевам и верувам во себе, сакам и треба да победиме за Македонија. Ова Европско првенство треба да го паметиме, треба да одиме напред, јас ќе се потрудам да го дадам својот максимум, тешко е да се повтори таков натпревар, вчера навистина имав одличен ден и сум благодарен на моите соиграчи кои навистина многу ми помогнаа. Посакувам утре да биде некој друг лидерот, да биде играч на натпреварот, да ни помогне за на крај да се радуваме на победа. Мислам дека во сите играчи што се тука има квалитет, сите треба да одиграме пред се квалитетна тимска игра, тимската игра нека победи утре“.