Фарјаните го освојуваат Осло – секој девети жител ќе патува на ЕП 2026!

Повеќе од 10-отсто од населението на Фарските Острови ќе отпатува во Осло за да ѝ даде поддршка на својата ракометна репрезентација на ЕП 2026, откако има најава дека 6.500 Фарјани веќе имаат купено билети за натпреварите – бројка што претставува вистински преседан во светот на репрезентативниот спорт.

Навивачката инвазија е логично продолжение на сцените од Берлин пред две години, кога Фарските Острови дебитираа на континенталниот собир и веќе тогаш ја воодушевија јавноста со масовната поддршка од трибините. Во наредните денови, навивачите ќе пристигнуваат во Норвешка по воздушен и поморски пат. Националната авиокомпанија организираше 18 специјални летови за Осло, со кои ќе бидат пренесени околу 3.000 навивачи, а вкупно се резервирани 26 летови. Дополнително, траектот „МС Норона“ ќе превезе уште околу 1.000 патници.

Фарскиот ракомет живее златен период, а машката репрезентација ја предводи исклучително талентирана генерација млади играчи. Ова ќе им биде втор настап на ЕП, откако премиерно се појавија пред две години во Германија. Тогаш освоија еден бод во група со Полска, Норвешка и Словенија. Појавата на Фарските Острови на големите натпреварувања изненади многумина, бидејќи станува збор за заедница со околу 56.000 жители, која формално не е самостојна држава, туку автономна покраина во рамките на Данска. Токму затоа, Фарските Острови се најмалата нација по број на жители што некогаш се квалификувала на европско првенство во екипен спорт.

Фарските Острови на ЕП 2026 ќе настапуваат во група со Швајцарија, Словенија и Црна Гора, а со ваква поддршка од трибините, јасно е дека нема да бидат само „симпатичен аутсајдер“, туку сериозен фактор на турнирот.