Нема мир во Мадрид, сега се јавија Французите да го бранат Мбапе
Реал остана без тренерот Чаби Алонсо, кој беше сменет од клупата шест месеци по неговото доаѓање во Мадрид, а него го наследи Алваро Арбелоа кој на дебито доживеа шокантна елиминација од Копа дел Реј од второлигашот Албасете.
Голем дел од шпанските медиуми, но и јавноста, како главен виновник за заминувањето на Чаби Алонсо го посочија Килијан Мбапе. Сепак, во негова одбрана застана реномираниот „Л’Екип“, кој тврди дека францускиот напаѓач направил сè што можел за да го спаси Алонсо на клупата на Реал.
Според францускиот медиум, Мбапе настапил во Суперкупот на Шпанија под инјекции, со цел дополнително да го засили нападот на тимот и да го продолжи мандатот на шпанскиот стратег.
На крајот, ниту жртвата на Мбапе не го донела посакуваниот епилог. Реал Мадрид беше поразен, а Чаби Алонсо кратко потоа беше сменет, со што заврши неговата кратка, но бурна епизода на клупата на „кралскиот клуб“.