Митревски и Тодоровски ја добија првата задача на Европското првенство!

ЕХФ денеска ги одреди судиите за првото коло од Европското првенство, на Македонија ќе ѝ судат судии од Молдавија, а познат е мечот и на македонските делители на правдата, Димитар Митревски и Благојче Тодоровски.

Мечот меѓу Македонија и Данска кој се игра на 16 јануари во Хернинг ќе го судат браќата близнаци од Молдавија, Алексеј и Игор Ковалчиук.

Македонските судии Димитар Митревски и Благојче Тодоровски ќе го судат натпреварот во Малме меѓу домаќинот Шведска и селекцијата на Холандија, тој дуел се игра на 17 јануари.

За Митревски и Тодоровски ова е прво Европско првенство, за да дојдат до него тие се докажаа со судење на неколку важни натпревари во Лигата на шампионите.

Македонија на ова Европско првенство требаше да има две судиски двојки, но ЕХФ во последен момент ги суспендираше Начевски и Николов поради наводно мамење на тест за физичка подготовка.