Сити официјално го промовира Семењо – ќе игра во дресот на легендарниот Јаја Туре!

Манчестер Сити денеска и официјално го потврди трансферот на крилниот напаѓач Антоан Семењо, кој од Борнмут се преселува на „Етихад“ со договор до јуни 2031 година.

Англиските медиуми објавуваат дека актуелниот фаворит за титулата во Премиер лигата ќе плати 62,5 милиони фунти како фиксна отштета, со дополнителни 2,5 милиони преку бонуси. Финансискиот пакет ќе биде реализиран на рати во следните 24 месеци. Семењо во новата средина ќе го носи дресот со број 42 – бројка со симболична тежина за навивачите на Сити, бидејќи во минатото со истиот број настапуваше легендарниот Јаја Туре, трикратен шампион на Англија со „граѓаните“.

Репрезентативецот на Гана пристигна во Борнмут во јануари 2023 година од Бристол Сити за околу 10 милиони фунти. Во дресот на „црешите“ одигра 110 натпревари, постигна 32 гола и запиша 13 асистенции, со што го привлече вниманието на европските великани.

Сити до неговиот потпис стигна по жестока трка со Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Челси и Тотнем, но на крајот пресудија спортскиот проект и финансиската моќ на клубот од Манчестер.