Хаос во Рим: Лацио плати 13 милиони евра за Србин - тренерот не знае ама баш ништо за него!

Лацио продолжува да се соочува со сериозни проблеми во обидот да се врати на патеките на успехот од годините кога беше редовен кандидат за трофеи во италијанскиот фудбал, откако по најновото реми против Фиорентина, тренерот Маурицио Сари јавно призна дека нема целосна контрола врз кадровската политика во клубот.

Искусниот стратег откри дека не е запознаен со квалитетите на најновото зимско засилување, српскиот напаѓач Петар Ратков, кој пристигна како замена за Валентин Кастељанос за сума од 13 милиони евра.

„Искрено, не го познавам Ратков и не знам речиси ништо за него. Тешко ми е да зборувам за фудбалер со кого не сум запознаен. Луѓето од клубот го донесоа и тие знаат повеќе“, изјави Сари по натпреварот.

Лацио се најде во незавидна позиција откако минатото лето беше погоден од забрана за трансфери, а во текот на јануарскиот преоден рок беше принуден да се раздели со дел од носителите на играта. Продажбата на Кастељанос во Вест Хем дополнително ја ослабна офанзивата, а доаѓањето на Ратков од Салцбург, според изјавите на Сари, очигледно не било во согласност со неговите желби.