Ѓорческа пред „Австралија опен“: Сон на секој тенисер е настап на гренслем-турнир!

Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, новата сезона ќе ја отвори со настап на квалификациите за Австралија опен, првиот гренслем-турнир во годината, кој традиционално се одржува во Мелбурн.

За неа ова ќе биде трет обид да дојде до главниот турнир, откако во првиот беше само на чекор до пласман меѓу најдобрите. Македонската тенисерка верува дека искуството стекнато во изминатите години може да биде клучно за исчекор напред.

„Јануари е стартот на сезоната и тешко може да се замисли подобар почеток од Австралија опен. Се подготвувам максимално и се надевам дека овојпат ќе успеам да направам чекор повеќе. Еднаш бев многу блиску и верувам дека сега може да се избори место на главниот турнир. Настап на гренслем-турнир е сон за секој тенисер“, изјави Ѓорческа

Ѓорческа, која најавуви повеќе настапи на ВТА турнирите оваа година, подготовките за турнирот во Мелбурн ќе ги одработи во Скопје, а за Австралија ќе отпатува на 4 јануари со цел да има доволно време за аклиматизација. Првите квалификациски мечеви за закажани за 15 јануари.