Мурињо е легенда – изјави дека неговиот тим победил по меч што заврши 2-2 (ВИДЕО)
По ова реми, тимот од Лисабон остана на седум бодови зад лидерот Порто. Легендарниот тренер во свој препознатлив стил, остро реагираше на судиските одлуки, тврдејќи дека во последните секунди Бенфика постигнала регуларен гол, кој неправедно бил поништен по интервенција на ВАР, поради наводен прекршок. По завршувањето на средбата, „Специјалниот“ го изненади новинарот од португалската телевизија кој побара коментар за ремито.
„Мислам дека ова е фантастична победа. Во второто полувреме на теренот постоеше само Бенфика. Да направиш пресврт и да победиш овде со 3-2 е извонреден резултат за нас. Играчите го заслужија тоа со својот ангажман, со целосна почит кон Брага, која ни создаде проблеми какви што и очекувавме“, изјави Мурињо.
Кога новинарот забележа дека тренерот очигледно чувствува дека заслужил победа, Мурињо беше уште подиректен.
„Ние победивме со 3-2. Голот е регуларен. Победивме, ова е одлична победа.“
На констатацијата дека табелата сепак ќе запише само еден бод за Бенфика, Мурињо четири пати повтори „ние победивме“, по што го прекина интервјуто и замина. Подоцна, на прес-конференцијата, португалскиот стратег се наврати на ситуацијата и појасни дека неговите зборови биле иронични.
„Имавме одлично второ полувреме и ‘победивме’ со 3-2. Секако, знаете дека зборувам иронично. Ако не беше така, ќе бев сериозно санкциониран. Дали клубот ќе реагира официјално? Не знам. Јас сум тука да го тренирам тимот“, рече Мурињо.