„Војна“ за билети за Мундијалот - ФИФА добила деветцифрен број барања

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино изјави дека за 15 дена се примени 150 милиони барања за билети за Светското првенство во 2026 година, кое го организираат САД, Канада и Мексико.

„Имаме достапни шест до седум милиони билети, а за 15 дена добивме 150 милиони барања. Тоа значи дека просечно добиваме десет милиони барања секој ден. Во речиси 100 години од Светското првенство, продадени се вкупно 44 милиони билети, па се покажува дека побарувачката за билети за претстојното Светско првенство опфаќа период од над 300 години.

Лудо е, тешко е да се замисли, но ја покажува важноста на Светското првенство во фудбалот“, рече Инфантино на Светскиот спортски самит во Дубаи.

Тој истакна дека најмногу барања за билети дошле од САД, по што следат Германија и Велика Британија. Здруженијата на навивачи ја критикуваа високата цена на билетите, бидејќи цените беа неколку пати повисоки отколку на последното Светско првенство во Катар. Потоа ФИФА одлучи да продаде одреден број билети по цена од 60 долари.

„Приходите генерирани од Светското првенство, што вклучува продажба на билети, ќе се вратат во фудбалските заедници низ целиот свет. Доколку немаше ФИФА, немаше да има фудбал во 150 земји“, рече Инфантино.