Ѓоковиќ има желба за 2026 година за себе и за - Кристијано Роналдо

Српската тениска суперѕвезда Новак Ѓоковиќ си посака желба за себе во 2026 година, но не го заборави на Кристијано Роналдо.

Двајцата врвни спортисти се сретнаа на доделувањето на наградите „Глоуб Сокер“ во Дубаи, каде што Роналдо му ја додели наградата на Ѓоковиќ за извонредни достигнувања во спортот. Србинот се заблагодари и притоа откри кои се неговите желби за себе и за Роналдо. 

„Се надевам дека двајцата ќе го постигнеме тоа во исто време: тој ќе стигне до 1.000 голови, а јас до 25 Гренд слем титула“, рече Ѓоковиќ.

Тој има 24 Гренд слем трофеи, но последниот го освои на УС Опен во 2023 година. Роналдо, пак, кој во февруари ќе наполни 41 година, е на котата од 956 гола во кариерата и забрзано ита кон тоа да стане прв фудбалер во историјата со четирицифрен број голови.