„Винисиус не би издржал ни две недели во 'мојот' Реал“

Поранешниот напаѓач на Реал, Хиполито Поли Ринкон се приклучи на армијата фудбалери на мадридскиот клуб кои немаат симпатии кон Винисиус.

Бразилецот до лани беше најнеомилен фудбалер во Шпанија кога станува збор за противничките навивачи, но од оваа сезона почнаа да го мразат и фановите на Реал кои отворено бараат тој да биде продаден. Причината е во тоа што ја расипува атмосферата во екипата и го валка името на најтрофејниот шпански клуб.

„Винисиус не би издржал две недели во соблекувалната во 'мојот' Реал. Порано имаше капитени кои го одржуваа редот. Клубот беше пред сите. Ди Стефано, Кристијано и Раул заминаа, а Мадрид продолжи. Со Винисиус, клубот го изгуби својот пат“, тврди Ринкон.

Тој смета дека токму поради однесувањето на Винисиус, до израз не може да дојде квалитетот на Чаби Алонсо и неговата фудбалска филозофија и додава дека ако Реал не го продаде Бразилецот, не може да смета на големи успеси.