И 2026 година нема да дојде без руска салата, кифлички и без - „Четирите скокалници“!
Караванот на најдобрите светски ски-скокачи прво ќе се натпреварува во Оберстдорф (29 декември), по што следи традиционалниот новогодишен спектакл во Гармиш-Партенкирхен (1 јануари). Потоа турнејата се сели во Австрија, со скокови во Инсбрук на 4 јануари и големото финале во Бишофсхофен на 6 јануари, кога ќе биде крунисан новиот освојувач на популарната „4К“.
Бранител на титулата е Австриецот Даниел Чофениг, но актуелната сезона во Светскиот куп е во знакот на Словенецот Домен Превц, кој убедливо води во генералниот пласман со 850 бодови. Превц победи на пет од последните шест скокалници, а единствениот што успеа да го запре е Јапонецот Рјоју Кобајаши, моментално втор во вкупниот поредок со 651 бод и најсериозен ривал за титулата. Кобајаши веќе трипати ја има освоено турнејата (2018/19, 2021/22 и 2023/24).
Доколку Превц издржи под силниот психолошки притисок, може да испише историја – семејството Превц би станало првото со двајца победници на „Четири скокалници“. Неговиот постар брат Петер Превц триумфираше во сезоната 2015/16 и стана втор Словенец со трофејот, по легендарниот Примож Петерка. Словенците оваа сезона имаат уште еден адут – Анжеј Ланишек, кој е трет во генералниот пласман со 506 бодови. Главни конкуренти на словенечко-јапонската оска ќе бидат Германците Филип Рајмунд и Феликс Хофман, како и Австријците Штефан Крафт, Јан Херл и непредвидливиот Штефан Ембахер.
Во историски контекст, рекордер по број на титули и натаму е Финецот Јане Ахонен со пет победи. Германецот Јенс Вајсфлог има четири, додека по три пати славеле Хелмут Рекнагел, Бјорн Виркола, Камил Стох и Кобајаши.
ФОТО: EPA PHOTO