Роналдо не застанува - 14. година по ред ја мина границата од 40 гола (ВИДЕО)

Ал Наср ја продолжи победничката серија во саудиското првенство откако денеска го совлада претпоследниот тим на табелата Ал Охдод со 3-0 на домашен терен.

По десет кола, Ал Наср е со максимален ефект од 30 бода, а паузата од еден месец очигледно добро му дошла на Кристијано Роналдо кој ги наполнил батериите и повторно стрела. Португалецот постигна два од трите гола за својот тим, малку недостасуваше да дојде и до хет-трик, но неговиот трет погодок, во второто полувреме, беше поништен поради офсајд. Во судиското продолжение Жоао Феликс го постави конечниот резултат, па сега двајцата Португалеци се на чело на листата на стрелците во првенството на Саудиска Арабија, со по 12 гола.

Со денешните два, Роналдо ја мина бројката од 40 гола во годината, 14. година по ред што само по себе зборува за неговата фудбалска долговечност. Освен тоа, стигна до 956 во кариерата и го продолжи атакот на големиот јубилеј од 1.000 гола.