Атанасов пак на радарот на Краковија, во игра се и клубови од Македонија

Македонскиот репрезентативец Јани Атанасов би можел да се врати во Краковија по само половина година помината во грчкото првенство, тврдат медиуми во Полска.

Новата сезона тој ја почна како член на Краковија, но пред крајот на преодниот рок беше продаден на грчкиот прволигаш АЕЛ од Лариса со кого потпиша договор до 30 јуни 2027 година. Во првата полусезона струмичанецот одигра 18 натпревари за АЕЛ и постигна еден гол и една асистенција, но последните недели го загуби местото во составот поради, како што објавија грчките медиуми, инцидент на тренинг, односно покажана недисциплина.

Според последните информации, веќе е воспоставен контакт меѓу Краковија и Атанасов и можно е во јануарскиот преоден рок, играчот од средниот ред да се врати во својот поранешен клуб. Наводно, заинтересирани се и македонски клубови иако не е објавено за кои од нив станува збор.

Атанасов беше член на Краковија од 2023 до 2025 година, но вториот дел од минатата сезона го помина како позајмен играч во Пушча.