Јакимовски по мечот од соништата: Нема да застанам тука – ќе играм уште подобро!
Крилото на Тренто доминираше на теренот и со 30 поени го израмни својот личен рекорд, а со индекс 43 стана главен кандидат за МВП на колото.Тој по мечот истакна дека клучна била реакцијата на тимот по слабата почетна четвртина.
„Среќен сум за тимот, горд сум бидејќи покажавме карактер. Се вративме по ужасниот старт и остваривме голема победа. Нема да застанеме тука, ќе продолжиме во исто темпо и се надеваме дека ќе играме уште подобро“, рече новиот лидер на македонската репрезентација.
Неговиот фантастичен настап не беше значаен само за победата, туку и историја за клубот. Јакимовски го постави новиот рекорден индекс за Тренто во натпревар од Еврокупот, надминувајќи го претходниот врв од 40 индекс-поени што го држеше Гери Браун од сезоната 2020/21. Иако клубот е во својата деветта европска кампања, македонскиот репрезентативец го урна рекордот веќе во првите три месеци од сезоната.
Тренто со триумфот над Бурж се искачи на петтата позиција во групата, со учинок од пет победи и пет порази.