Македонија има нов лидер кој за разлика од Димитријевиќ - гине во жолто-црвениот дрес!
Станува збор за Андреј Јакимовски, момчето кои повеќе години беше надвор од националниот тим поради настапите во американската НЦАА лига, но кој на првиот дуел по враќањето го остави срцето на терен. Тој беше предводник во вчерашниот триумф со дабл-дабл ефект (25 поени и 11 скока), но повеќе фасцинираше желбата што ја покажа и волјата да биде предводник на новата генерација македонски кошаркари, од која очекуваме барем приближно да ги повтори успесите на нивните претходници од ЕП 2011.
Кошаркарот на италијански Тренто во изјавите пред и по натпреварот постојано ја нагласуваше огромната љубов кон државата и националниот тим, поради што со право може да се очекува во секоја прилика да доаѓа да ѝ помага на македонската селекција, без разлика на противникот. Јакимовски со ова дефинитивно го заслужи правото да биде заштитното лице на макбаскетот, кошаркар кој ќе ја преземе диригентската палка во своите раце и во исто време да го испрати Ненад Димитријевиќ во заборав, со оглед на отсуството на желба кај него да игра за Македонија.

Време е селекторот Марјан Илиевски, а сите што ќе дојдат по него (порано или подоцна) да престанат да го повикуваат популарниот Нено, односно да престанат да му даваат шанса да измисли нови причини за да не игра за македонскиот национален тим. Кога некој ќе ти спушта слушалка или, пак, воопшто не ти се јавува, иако претходно ти кажал дека „работата е завршена“ и дека „ќе ти се јави кога ќе се расони“, тоа е знак дека љубовта дефинитивно ја нема и дека е време за крај на сите обиди таа да се обнови, ако воопшто и постоела.
Андреј, секако, не е виновен апсолутно за ништо поврзано за сето ова, но со желбата, радоста и квалитетот покажа и докажа дека дефинитивно е лидерот кој одамна го чекаме и кој треба да ја врати Македонија во врвот на европската кошарка. Ако, ништо друго, барем ќе знаеме дека во секоја прилика ќе го остави последниот атом енергија да успее во тоа.
Барем такви се првите впечатоци.