Струга во Струмица сака да се потсети како се победува, но Брера има свои сметки

Денеска почнува 21. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), на програмата се два натпревари, Струга гостува кај Брера во Струмица, а Шкупи го „пречекува“ Башкими на неговиот стадион во Куманово, двата меча се играат од 14 часот.

Брера игра во одлична форма во вториот дел од сезоната, во минатото коло го победи Башкими на негов терен и го прескокна на табелата, а сега има уште поголем предизвик, на гости им доаѓа Струга која е еден од кандидатите за највисок пласман.

„Се надеваме дека го фативме вистинскиот ритам. Првенството влегува во забрзана фаза и сега веднаш мораме да се фокусираме на следниот противник. Струга Трим Лум е одличен тим, тоа е јасно, но и на првиот меч оваа сезона покажавме дека можеме да се надигруваме. Ќе го дадеме максимумот и се надеваме на позитивен резултат“, вели тренерот на Брера, Мартин Алаѓозовски.

Струга уште чека на првата победа во вториот дел од сезоната, но играта против Вардар во минатото коло влева оптимизам дека токму против Брера може да дојдат до неа.

„Нè очекува тежок натпревар против многу незгоден противник. АП Брера е квалитетна екипа, со многу млади играчи кои сакаат да се докажуваат на секој меч. Знаеме дека ќе биде тешко, но ние сме Струга Трим Лум и на секој натпревар играме на победа. Така ќе биде и денеска, и силно верувам дека од ова гостување ќе се вратиме со три бода. Го анализиравме ривалот, станува збор за тежок противник, а плус тие играат на домашен терен. Сепак, како што нагласив, нас нè интересираат само трите бода“, вели фудбалерот на Струга, Арби Воша.

Во другиот денешен меч Башкими му гостува на Шкупи и се освен победа на кумановскиот тим за нив би било катастрофа. Мечот се игра во Куманово иако официјално чаирчани ја имаат улогата на домаќини.

„На нашиот стадион го пречекуваме Шкупи, иако официјално сме гости. Тимот на Шкупи се потпира на своите млади сили и токму во тоа ја гледам нивната најголема сила. Не смее да има никакво потценување; потребен е максимален ангажман бидејќи бодовите од овој натпревар ни се неопходни. Верувам и силно се надевам дека по 90 минути игра, резултатот ќе биде позитивен за нас“, вели Мухарем Мислими од Башкими.

Шкупи нема шанси во борбата за опстанок, но тренерот Алиса Виши вели дека до крај ќе продолжат да се борат за секој бод.

„Натпреварот против Башкими во Куманово е уште еден важен предизвик за нас. Горд сум на момците бидејќи на секој меч даваат сè од себе и, што е најважно, остануваат цврсто со нозете на земја. На секој натпревар одиме на победа, со почит кон противникот, но со целосна верба во себе. Во овие тешки денови, играчите ја покажуваат својата љубов и приврзаност кон клубот, а тоа за мене има голема вредност. Верувам дека овој труд и жртва набрзо ќе им се исплатат. Ќе продолжиме да работиме напорно и ќе се бориме за секој бод“, вели Виши.

ПМФЛ 21. коло:

Вторник 
Брера - Струга
Шкупи - Башкими
Среда
Арсими - Тиквеш
Македонија ЃП - Работнички
Четврток
Вардар - Шкендија
Пелистер - Силекс

Табела: Вардар 52, Шкендија 48, Струга 43, Силекс 38, Арсими 26, Брера 26, Башкими 26, Тиквеш 24, Македонија ЃП 20, Пелистер 20, Работнички 13, Шкупи 1.