Јакимовски: И порано сакав да играм за репрезентацијата, не можев од оправдани причини
Играчот на Тренто беше најефикасен на мечот со Азербејџан, промовирајќи се во еден од лидерите на актуелниот состав во македонската репрезентација. По натпреварот, тој го изрази своето задоволство од целокупната атмосфера во и околу националниот тим, како и од постигнатиот резултат.
„Влеговме како фаворити и го оправдавме тоа. Има уште многу до нашата посакувана цел и форма, но како што кажав, ова е добар чекор кон тоа. На добар пат сме и се надевам дека во наредните циклуси ќе бидеме комплетни, сите заедно. Нашиот фокус сега е на Ирска, мислам дека се работи за посилна селекција од Азербејџан и се надевам дека ќе дојдеме до нова победа.
Овој период е доста краток, но мора да го искористиме за да се воиграме и запознаеме. Мур е одличен играч, го имаме и Вајли, на нас е да се подобруваме од ден во ден, и да го дадеме нашиот максимум. Имав доста измешани емоции на кам-бекот во репрезентацијата. Сакав и претходно да играм, но поради некои оправдани причини не можев. Среќен сум што сум тука, ќе се јавувам на повикот на селекторот ако сум спремен и здрав. Задоволен сум и лично како одиграв, иако секогаш може подобро“, рече Јакимовски.