Емил Рајковиќ го „избрка“ Кокошков од Анадолу Ефес – со мала „помош“ на Монако!

Екипата на Анадолу Ефес денеска официјално соопшти дека српскиот тренер Игор Кокошков повеќе не е предводник на тимот од Истанбул.

Одлуката доаѓа по разочарувачкиот почеток на сезоната во Евролигата, каде што Ефес по 13 кола оствари само пет победи и се наоѓа на 15. позиција, но и поразите во домашното првенство. Позицијата на поранешниот НБА тренер ја „начна“ токму нашиот Емил Рајковиќ, кој минатиот викенд неочекувано го совлада со својот Тофаш (86-79), а последен удар беше синошениот катастрофален пораз од Монако (66-102). Клубот наведе дека се разделува со Кокошков, благодарејќи му за досегашната работа и посакувајќи му успех во продолжението на кариерата. До изборот на нов главен тренер, екипата ќе ја води Радован Трифуновиќ.

Овој развој на настаните доаѓа само еден ден по оставката на Жељко Обрадовиќ од клупата на Партизан, што значи дека двајца српски тренери во краток период остануваат без ангажман во своите досегашни клубови. Но, истовремено, тоа значи дека поранешниот европски шампион со Словенија одеднаш влегува во игра за наследник на популарниот Жељко на црно-белата клупа.