Гарабаја: Горд сум на начинот на кој му се спротивставивме на европскиот првак!

Македонскиот првак Пелистер синоќа загуби од актуелниот европски шампион Магдебург (26-31) во меч од Лигата на шампионите, на кој битолчани прикажаа далеку повисоко ниво во споредба со претходните настапи, особено на гостинскиот дуел со ПИК Сегед.

Битолчани долго време успеваа да останат рамноправен со германскиот гигант. Голманот Никола Митревски блескаше меѓу стативите, а неговите интервенции го држеа тимот во игра. Токму затоа тренерот Рубен Гарабаја по средбата изрази целосно задоволство од ангажманот и борбеноста на својата екипа. Тој нагласи дека неговите избраници покажале вистински европски пристап против еден од најсилните состави во светскиот ракомет.

„Ова беше сосема поинаков настап од оној против ПИК Сегед. Играчите го испочитуваа планот, беа на потребното ниво и затоа сум горд на нив“, изјави тренерот на зелено-белите.

Тој призна дека клучни биле пропустите во првиот дел. Пелистер промаши неколку чисти позиции за гол и лесно ја губеше топката, што Магдебург вешто го казни со резултатска предност која подоцна беше тешко достижна. Иако одбраната функционираше солидно, грешките во нападот се покажаа пресудни.

Битолчани во следното коло ќе се соочат со хрватскиот шампион Загреб — екипа која веќе ја совладаа на домашен терен и против која ќе ја бараат шансата за евентуален пласман во следната фаза.