Новиот Американец среќен што добил наш пасош: Едвај чекам да заиграм за Македонија!

Македонската кошаркарска репрезентација ќе настапи значително засилена во претквалификацискиот циклус за ЕП 2029, откако вчера на располагање на селекторот Марјан Илиевски му се стави бекот на Валенсија, Омари Мур.

Тој им се приклучи на жолто-црвените веднаш по настапот во Евролигата, по убедливата победа на неговиот тим над Баерн Минхен.

„Одлично сум пречекан. На тренинзите веќе ја научив филозофијата на тренерот и со нетрпение го очекувам вечерашниот меч со Азербејџан (19 часот). Возбуден сум и подготвен за предизвикот“, изјави Мур, кој вечерва за првпат ќе го облече дресот со македонските национални бои.

Дебитантот посочува дека првиот настап секогаш носи доза непредвидливост, но и мотив повеќе.

„Ова е ново искуство за мене, но верувам дека ќе оди по планот. Се надевам на добар натпревар и поддршка од публиката. Навистина сум среќен што станав Македонец и ги повикувам навивачите да дојдат во салата“, дополни Мур пред вечерашниот меч во СРЦ „Кале“.

Покрај него, селекторот Илиевски повторно ќе може да смета на искусните Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски, како и на Андреј Јакимовски, кој летово од колеџ кошарката се пресели во италијанскиот професионален систем и настапува во Еврокупот. Во нашата претквалификациска група е уште и Луксембург.