Вардар го згази Сесвете и сега ќе навива за нив во последното коло!

Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Вардар вечерва го запечати пласманот во топ-16 фазата од ЕХФ Европската лига и најверојатно таму ќе оди како првопласиран во групата иако тоа нема никаква улога.

Натпреварот од последното коло против Тулуз нема да има резултатско значење бидејќи Французите се одамна елиминирани, а Вардар сигурно оди понатаму, но затоа од големо значење за „црвено-црните“ е вториот меч од групата, меѓу Кристијанштад и Сесвете. Натпреварот се игра во Данска, а во зависност од исходот, ќе се знае колку бода ќе пренесе Вардар во следната фаза. На нашиот тим повеќе му одговара триумф на Сесвете бидејќи така Хрватите ќе одат понатаму, а Вардар ќе пренесе четири бода, додека со триумф на Кристијанштад, ќе продолжи со само два.

Standings provided by Sofascore

Уште сега се знае дека Вардар вкрстува со Мелзунген и Бенфика кои обезбедија пласман во топ-16, пред одигрувањето на последното коло, а во последниот круг, во меѓусебен дуел во Лисабон ќе одлучат кој колку бода ќе пренесе во следната фаза. И тој меч е од големо значење за Вардар бидејќи ќе се знае дали ќе има бодовна предност или ќе влезе со исто салдо како новите ривали.

Standings provided by Sofascore

Во топ-16 фазата Вардар ќе игра само со Мелзунген и Бенфика затоа што ги пренесува бодовите од дуелите со ривалот во групата. Вториот сегмент од ЕХФ Европската лига е на програмата во периодот од 17 февруари до 10 март. Од досегашните резултати во другите групи, може да се заклучи дека Вардар има голема шанса да стигне до завршницата на ЕХФ Европската лига, под услов да ги избегне германските клубови кои се апсолутни фаворити за трофејот во ова натпреварување.