Три куршуми во „срцето на Каталонија“: Барса понижена од светскиот шампион (ВИДЕО)
Светскиот клупски шампион Челси буквално си поигра со каталонската гордост, ја надигра и ѝ даде три гола кои уште долго ќе ги печат и играчите и навивачите на Барселона. Составот на Ханси Флик беше надигран како ниеднаш досега под негово водство, без разлика дали се работи за домашното првенство или Лигата на шампионите.
Уште од првата минута Челси знаеше што сака, создаде притисок како резултат на што два пати се тресеше мрежата на Барселона, но двата гола беа поништени, прво поради игра со рака, а потоа поради офсајд. Кога веќе домаќините не успеваа, на помош им „притрча“ Жил Кунде кој по една акција на Кукуреља од десната страна, несмасно си ја вметна топката во сопствената мрежа за, конечно, водство за Челси.
Дополнителен проблем за гостинскиот тим беше непромислениот потег на Араухо пред истекот на првото полувреме поради што доби втор жолт и автоматски црвен картон, па Барселона остана ем со негатива, ем со фудбалер помалку. Таквата ситуација во вториот дел ја искористија Естевао и Делап кои ја докусурија Барселона.
Овие две екипи во последните 25 години одиграа голем број епски натпревари, двата тима победувале, Барса има триумф со 5-1 и 3-0, но никогаш Челси не славел со три гола разлика. Челси со овој триумг се искачи на четвртото место иако постои можност утре да падне некоја позиција.
Од останатите натпревари, Баер Леверкузен направи големо изненадување, триумфирајќи на гости кај Манчестер Сити со 2-0, со головите на Грималдо и Шик.
РЕЗУЛТАТИ
Бодо - Јувентус 2-3
Борусија Дортмунд - Виљареал 4-0
Челси - Барселона 3-0
Манчестер Сити - Баер 0-2
Марсеј - Њукасл 2-1
Наполи - Карабах 2-0
Славија - Атлетик Билбао 0-0
Ајакс - Бенфика 0-2
Галатасарај - Ројал Унион 0-1