Франција испадна од Дејвис купот поради – најглупавиот потег во историјата на тенисот!

Тениската репрезентација на Белгија направи големо изненадување на завршниот турнир во Дејвис купот, откако ја елиминира Франција (2-0) во првото четврфинале, благодарение на победите на Рафаел Колињон и Зизу Бергс над Корентан Муте односно Артур Риндеркнеш.

Французите особено беа шокирани од поразот на Муте, кој лесно го доби првиот сет со 6-2, но потоа ги загуби следните два сета со 5-7. Клучниот момент се случи во 12. гем од вториот сет, при резултат 15-15, кога Муте, наместо да ја заврши размената на сигурен начин, се обиде со непотребен удар меѓу нозете додека имаше целосна контрола над поенот. Го загуби гемот со брејк, што подоцна се покажа како пресудно за неговиот пораз.

Тој по мечот призна дека потегот бил „крајно непромислен“, но тоа веќе немаше значење. Белгија со триумфот си обезбеди пласман во полуфиналето, каде што ќе го чека подобриот од дуелот меѓу Италија и Австрија.