Бизарно: Селекторот на Хаити никогаш не стапнал во оваа земја, а ги однесе на СП 2026!

Фудбалската репрезентација на Хаити избори пласман на Светското првенство 2026 година, откако вчера ја совлада Никарагва (2-0), обезбедувајќи втор настап на еден Мундијал во историјата.

Успехот е уште поголем ако се знае дека селекторот Себастијан Миње никош не влегол во земјата од моментот кога ја презеде репрезентацијата пред 18 месеци. Францускиот стратег не може да отпатува во Хаити поради континуираните судири на вооружени банди и екстремната небезбедност. Националниот тим е принуден да ги игра „домашните“ натпревари 800 километри подалеку – на Курасао.

Хаити живее во хаос уште од разорниот земјотрес во 2010 година. Повеќе од 2.000 луѓе тогаш го загубија животот, а кризата продолжи со убиството на претседателот една година подоцна. Денес, криминалните групи контролираат поголем дел од главниот град Порт-о-Пренс, а околу 1,3 милиони жители се раселени. Меѓународните власти предупредуваат странци да не патуваат во земјата поради ризик од киднапирања, напади и немири.

„Невозможно е да се замине во Хаити – премногу е опасно. Вообичаено живеам во земјите каде што работам, но тука е невозможно. Дури ни меѓународни летови повеќе нема“, изјави Миње .

Поранешниот асистент на Камерун на последното Светско првенство се потпирал на извештаи од Фудбалската федерација на Хаити, кои му биле доставувани преку телефон. Така добивал информации за играчите од домашното првенство, додека тренажниот процес и селекцијата ги координирал од далечина. Репрезентацијата е составена речиси целосно од фудбалери што живеат и играат надвор од Хаити. Меѓу нив е и Жан-Рикнер Белгар, играч на Вулверхемптон роден во Франција. Федерацијата работи и на тоа да го убеди Вилсон Исидор од Сандерленд – исто така Французин со хаитско потекло – да се приклучи за мундијалот.

Победата над Никарагва официјално го одведе Хаити на Мундијалот во САД, Мексико и Канада, што ќе се игра во јуни и јули идната година. Последното и единствено учество на Хаитјанците на Светско првенство беше во 1974 година, кога беа елиминирани уште по групната фаза од Италија, Полска и Аргентина.