Јокиќ запиша нов трипл-дабл, но беше трагичар во трилер-поразот на Денвер (ВИДЕО)
Српскиот ас имаше шут за продолжение, но тројката не влезе и Нагетси останаа со празни раце. Јокиќ мечот го заврши со импресивни 36 поени, 18 скокови и 13 асистенции, но шутот за три целосно го издаде – 1/7, иако во финишот погоди една важна тројка. Денвер одлично тргна и рано поведе, но Чикаго возврати жестоко и стигна до плус 18. Србинот се обиде да го врати тимот во ритам, напаѓаше под кош, асистираше, се бореше за секоја топка, но процентите останаа проблем.
Третата четвртина донесе голема борба, а Јокиќ веќе тогаш го осигура својот осми трипл-дабл сезонава. На стартот од последниот период Аделман го одмори својот најдобар играч, па Мареј ја презеде улогата на лидер. Кога Јокиќ се врати, Нагетси накратко презедоа контрола. На две минути до крај погоди тројка за водство, но Чикаго веднаш возврати. По загубена топка на Мареј, гостите дојдоа до плус 3.
Центарот погоди тежок шут преку Вучевиќ и потоа му украде топка, која заврши во аут. Денвер бараше преглед, но судиите решија посед за Чикаго, по што Вучевиќ погоди тројка која се покажа како пресудна. Нагетси се обидоа да се вратат со брзи поени, но Досунму беше сигурен од линијата, а Хуертер конечно ги запечати работите. Во последната секунда Јокиќ се обиде од огромна далечина – без успех, за големо славје на гостите.
Во редовите на Денвер покрај Јокиќ се истакнаа Џамал Мареј со 34 поени и 11 скокови и Ерон Гордон со 24 поени и 10 скокови, а Кем Џонсон додаде 19. Најзаслужни за големата победа на Чикаго беа Џош Гиди со 21 поен и 14 скокови, Досунму со 21 и Хуертер со 20, додека Никола Вучевиќ заврши со осум поени, девет скокови и шест асистенции.
РЕЗУЛТАТИ: Кливленд – Милвоки 118-106, Детроит – Индијана 127-112, Филаделфија – ЛА Клиперс 110-108, Мајами – Њујорк 115-113, Торонто – Шарлот 110-108, Минесота – Далас 120-96, Њу Орлеанс – Оклахома 109-126, Денвер – Чикаго 127-130.
ФОТО: X / RyanGreeneDNVR