Трајковски: Сакаме триумф против Летонија како увертира за важниот меч против Велс

Македонската фудбалска репрезентација в четврток ќе се соочи против Летонија во пријателски натпревар како „загревање“ за важниот дуел против Велс во Кардиф во квалификациите за Светското првенство (СП).

Македонскиот напаѓач Александар Трајковски кажа дека секој натпревар е важен, без разлика дали станува збор за контролен меч или квалификациски дуел.

„Секој натпревар има свој важност без разлика дали тој е контролен или квалификациски. Наша примарна цел како и секогаш е да се прикажеме во најдобро светло особено кога знаеме дека дуелот против Летонија е проверка пред исклучително важниот дуел со Велс“, вели Трајковски.

Трајковски посочи дека нема да ја потценат Летонија, иако на сите пет претходни натпревари триумфира Македонија.

„Не треба да се потценува ниту еден противник. Секоја репрезентација има свои предности и недостатоци. Летонија е вистинска селекција која за еден квалитетен тест пред гостувањето во Кардиф. Овој натпревар треба да го искористиме за подобрување на одредени сегменти во нашата игра и да бидеме на уште повисоко ниво во однос на претходните натпревари“, смета репрезентативецот.

Македонија во последното коло од квалификациите ќе се бори против Велс за втората позиција во групата, а Трајковски вели дека ќе одат на победа и нема да се занимаваат со калкулации.

„Сите фудбалери и членовите на стручниот штаб на секој натпревар размислуваме само за победа. Прво сакаме триумф на мечот со Летонците и тоа ќе биде одлична увертира пред клучниот натпревар со Велс. Овој период треба максимално да го искористиме за подготовка и за соочување во Кардиф на кое ќе дадеме сè од себе да одиграме најдобро што можеме и да стигнеме до резултат што ќе ни овозможи да го задржиме второто место го групата“, кажа Трајковски.

Македонија и Летонија ќе се соочат в четврток од 18 часот.