Вардар потпиша нов договор со Аргентинецот Кастањеда

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар соопшти дека бил потпишан нов договор со аргентинскиот фудбалер Диего Кастањеда на дополнителни две години.

Кастањеда ќе остане во редовите на скопскиот гигант до јуни 2028 година, односно останува еден од најважните фудбалери на „црвено-црните“ и во иднина.

Аргентинецот оваа сезона настапи на девет натпревари за Вардар, при што постигна два голови и три асистенции.

Вардар во моментов е лидер во домашниот шампионат со 33 бодови, односно еден поен повеќе од Струга по 13 одиграни кола.