Четврта тренерска смена во Серија А: Аталанта го избрка Јуриќ
Искусниот тренер беше назначен како наследник на Џанпјеро Гасперини во текот на летото, а денеска официјално беше отпуштен од Аталанта. Тоа е трет отказ за него во период од точно една година откако лани, на денешен ден мораше да ја напушти Рома, а потоа беше избркан и од Саутемптон.
Јуриќ ја водеше Аталанта на 15 натпревари и на нив запиша четири победи, осум нерешени резултати и три порази. Во моментов екипата е во серија од седум натпревари без победи во Серија А, како последица на што се најде на 13. место на табелата, додека во Лигата на шампионите е на 16. позиција.
Хрватот е четврти тренер во Серија А кој доби отказ од почетокот на сезоната, по Игор Тудор од Јувентус, Патрик Виеира од Џенова и Стефано Пиоли од Фиорентина. Интересно е тоа што сите четворица се избркани во последните две недели.