Станковски: Се надевам на добар настап во Кардиф и три бодови против Велс!

Македонската репрезентација денеска се собра во хотелот „Хилтон“ во Скопје пред пријателскиот меч со Летонија и квалификацискиот натпревар со Велс.

Лука Станковски кажа дека натпреварот против Летонија ќе биде одлично „загревање“ и може да донесе позитивни работи пред важниот дуел во Кардиф.

„Што се однесува до натпреварот со Летонија, како и секогаш, Македонија, оди на победа. Денес секоја репрезентација има свој квалитет, така што очекувам одличен натпревар, да стекнеме самодоверба и да дојдеме до посакуваната победа.

Против Велс е клучниот натпревар од квалификациите. Се надевам дека овојпат нема да биде слично како против Белгија, но и тој натпревар беше дел од нашата тактика и успеавме да извлечеме добар резултат. Тактиката е задача на селекторот, а наша задача е да ја спроведеме на терен. Се надеваме на добар настап и на освоени три бода во Велс. Искрено, не мислам дека сè зависи од среќата, иако и таа е фактор во денешниот фудбал. Ние имаме јасна тактика и верувам дека тоа ќе биде клучот за успех“, вели Станковски.

Натпреварот меѓу Летонија и Македонија се игра на 13 ноември, додека дуелот во Кардиф против Велс е закажан за 18 ноември.