Атлетико Мадрид е продаден, шпанскиот клуб има нови газди!
Целта на Атлетико Мадрид е да биде уште поконкурентен во шпанскиот и во светскиот фудбал.
„Атлетико Мадрид и неговите главни акцинери, Мигел Анхел Хил, Енрике Серезо, Квантум Пацифик Груп и фондовите управувани од Арес Менаџмент, постигнаа договор Аполо Спортс Капитал, глобална фирма за спортски инвестиции, да стане мнозински акцинер на нашиот клуб“, стои во соопштението на Атлетико Мадрид.
Четирите досегашни главни акционери ги намалија своите удели за да му овозможат на новиот инвеститор, сега најголемиот акционер на клубот, да стекне удел. Клубот соопшти дека Мигел Анхел Хил и Енрике Серезо ќе продолжат да го водат Атлетико како извршен директор и претседател, соодветно, и ќе останат акционери, гарантирајќи го континуитетот и визијата на проектот и нивното водство.
„Инвестицијата на АСК ќе ја зајакне позицијата на нашиот клуб меѓу фудбалската елита и ќе ја поддржи нашата амбиција да обезбедиме долгорочен успех за нашите милиони фанови низ целиот свет. Акционерите планираат да обезбедат нов капитал за поддршка на долгорочните планови на клубот, вклучително и понатамошни инвестиции во тимот и големи инфраструктурни проекти. Ова вклучува развој на Спортс Сити, нов спортски и забавен центар веднаш до стадионот Ријад Ер Метрополитано. Проектот има за цел да стане дестинација од светска класа за спорт, слободно време, култура и социјални активности“, се додава во соопштението.
Финансиските детали од договорот не беа откриени, но пазарните проценки ја ставаат вредноста на Атлетико помеѓу 2,5 и 3 милијарди евра, врз основа на неодамнешните финансиски резултати, вредните земјишни поседи и конзистентното учество во Лигата на шампионите во текот на изминатите 13 сезони.
Аполо е брзорастечка, глобална компанија за управување со средства. Според најновите бројки тие имаат приближно 908 милијарди долари средства под управување.