Историски меч за титула во Канада: Снежна бура, гол со ножички и триумф со пресврт (ВИДЕО)

Фудбалерите на Атлетико Отава го освоија првиот шампионски трофеј во историјата на клубот, совладувајќи го Кавалри ФЦ (2-1) по продолженијата во драматични и речиси невозможни услови на игра поради силната снежна бура.

Херој на финалето беше Давид Родригес, стрелец на двата гола за тимот од Отава. Натпреварот почна со доцнење поради обилните снежни врнежи, а теренот постојано се расчистуваше со лопати. Во расчистувањето се вклучуваше и дел од домашниот состав, а организаторите ги предупредија навивачите кои одлучија да присуствуваат на мечот да не фрлаат снежни грутки кон теренот.

Кавалри поведе прв во 32. минута преку Фрејзер Ејрд, кој успешно реализираше пенал. Но, одговорот на Атлетико беше брз – Родригес израмни со атрактивни „ножички“ само неколку минути подоцна. По регуларните 90 минути резултатот остана 1-1, по што следеше пауза од околу еден час за повторно чистење на снегот. Клучниот момент се случи во 106. минута, кога Родригес по одличен прием на долга топка од Мани Апарисио успеа да го префрли голманот Марко Кардучи и да ја донесе победата и титулата за својот тим.

За Атлетико Отава ова е прв трофеј откако клубот во 2022 година го загуби финалето од Форџ ФК. Од другата страна, Кавалри не успеа да го одбрани насловот како актуелен шампион од 2024 година.