Левандовски се врати во полн сјај, Барса го искористи киксот на Реал (ВИДЕО)
Во центарот на вниманието беше полскиот голгетер Роберт Левандовски кој конечно потсети на најдобрите денови и го постигна првиот хет-трик оваа сезона. Последниот гол за Барселона тој го запиша на 28 септември против Сосиедад, потоа беше повреден, па се мачеше да се врати во старата форма, а дури денеска успеа да го потврди својот квалитет. Особено беше атрактивно првото полувреме од овој натпревар во кој беа постигнати пет од шесте гола.
Левандовски отвори од пенал во десеттата минута, ама радоста на Барса траеше само една минута. Во меѓувреме Рашфорд можеше да зголеми на 2-0, но пропушти зицер, а Селта го казни тоа веќе во следниот напад. Сепак, „каталонците“ беа решени да ги освојат бодовите од овој натпревар, па по големата иницијатива, Левандовски повторно ги донесе во водство во 37. минута. И повторно радоста кратко траеше бидејќи Борха Иглесијас го израмни резултатот. За предност на гостите на полувреме, сепак, се погрижи Јамал во четвртата минута од судиското продолжение за Левандовски во 74. минута да го постави конечниот резултат со својот трет гол. Проблем на Ханси Флик во финишот му направи Френки де Јонг кој доби црвен картон и нема да може да игра против Атлетик Билбао, а со тоа е намален фондот на играчи во средниот ред бидејќи денеска на загревањето се повреди Касадо, а Педри ќе паузира уште околу еден месец.
Барселона сега има 28 бода, три помалку од Реал и на голема врата се враќа во борбата за титулата во Ла Лига.