Зверев не дозволи изненадување, со победа стартуваше во Торино

Германскиот тенисер Александер Зверев ги освои првите бодови на завршниот Мастерс во Торино откако вечерва по голема борба го совлада Бен Шелтон со 2-0 (6-3, 7-6).

Големата борба особено се однесува за вториот сет кој траеше повеќе од еден час, а во кој Американецот пропушти шанса да израмни на 1-1 и да внесе дополнителна неизвесност. Зверев релативно лесно дојде до предност во сетови, во четвртиот гем од вториот сет испушти две брејк топки, па победникот се бараше во тајбрејк.

Во него Шелтон почна одлично, поведе со 4-1, па 5-2 и 6-3 и имаше два сервиса за израмнување. Не успеа да ги искористи и Зверев со серија од пет поени ја запечати победата на овој меч.

Овој дуел беше прв од групата Б, каде се наоѓаат уште Синер и Оже-Алијасим кои својот меч ќе го одиграат утре.