МЗТ по голема борба го скрши Тиквеш, Пелистер подобар од Гостивар

Кошаркарите на МЗТ Скопје запишаа уште една победа во Супер лигата, откако вечерва го надиграа Тиквеш со 88-85, додека Пелистер беше подобар од Гостивар со 93-88.

Тиквеш даде голем отпор против МЗТ Скопје и по првите 10 минути беше 25-25, а кавадарчани успеаја и да поведат со плус шест во втората четвртина (42-36). Сепак, екипата од Аеродром го сврте резултатот во своја корист до крајот на полувремето (47-46).

Голема борба се водеше и во третата четвртина, а МЗТ конечно заигра подобро во последните 10 минути во кои постојано го чуваше водството, иако Тиквеш се закануваше, но не успеа да направи пресврт.

Најефикасен кај победничкиот тим беше Мек Смит-МекЈуен со 18 поени, додека Парсонс и Хокинс постигнаа по 18 поени за Тиквеш.

Пелистер ја контролираше играта во првото полувреме во салата „Боро Чурлевски“ и замина на паузата со водство од 55-39.

Гостивар заигра подобро и во завршницата внесе неизвесност, откако намали на 88-90, но Пелистер не дозволи пресврт и триумфира со 93-88.

Најефикасен во победничкито тим беше Кевин Брејси Дејвис со 26 поени, додека Црниќ запиша 22 поени за Гостивар.