„МЗТ не е виновен што Пелистер се води лошо од врвот - време е тие да одговараат!“
Во реакцијата се посочува дека во изминатиот период во македонската кошарка, особено во Битола, се случуваат настани кои, како што се наведува, го нарушуваат спортскиот дух и фер-плејот. Според клубот од „Јане Сандански“, наместо развој и стабилност, во последните години се создава атмосфера на поделби, притисоци и обиди вината за резултатите да се префрли врз судиите, противниците или федерацијата.
„Главниот проблем не е во другите, туку во политиките и одлуките што се носат во самиот клуб. Наместо спортска култура и одговорност, се создава амбиент на страв, суета и лични интереси, што му штети на спортот и на Битола, град со богата традиција“, стои во соопштението.
Од МЗТ наведуваат дека и на вчерашниот натпревар сведочеле на, како што велат, „притисоци и нервоза уште пред првиот свиреж“, што дополнително ја нарушува сликата за кошарката како фер и коректна игра.
„Нашиот клуб, играчите и навивачите нема да дозволат нарушување на угледот и достоинството. Ние не сме третокласен клуб и нема да дозволиме некој да се однесува навредливо кон луѓе кои чесно ја претставуваат државата“, пишува во реакцијата.
Во заклучок, МЗТ Скопје повикува на смирување на тензиите и враќање кон спортските вредности.
„Македонската кошарка заслужува чиста игра, чесност, визија и заедништво. Време е одговорноста да ја понесе оној што ја создава атмосферата на конфликти“, порачуваат од клубот.