Македонија ЃП се распаѓа - против Шкендија ќе игра со младинци!?
Порталот „24фудбал“ пишува за сериозни проблеми во Македонија Ѓорче Петров. Сопственикот со кој „лавовите“ се вратија во Првата лига и ја започнаа новата сезона си заминал, оставајќи зад себе долгови. Неисплатените фудбалери почнале штрајк и одбиваат да тренираат.
Тие првпат штрајкуваа пред мечот со Стурга, но се собраа и го одиграа овој натпревар. Во меѓувреме не се најде решение за ситуацијата, па штрајкот е продолжен, а иднината неизвесна.
Во Ѓорче Петров се појавил нов газда, но тој наместо да ја стабилизира состојбата, наводно им се заканувал на играчите со бркање од клубот. Тие останале цврсти на својот став, прво плата, а потоа продолжување со работа.
Пари нема, играчите во последните три дена не тренирале, денеска се собрале на половина час да одработат кус тренинг повеќе како обид за одржување на формата отколку вистинска подготовка за натпревар.
Новите луѓе кои треба да го преземат водењето на клубот се во блиска врска со поранешниот сопственик, но засега одбиваат да ги преземат и долговите што тој ги оставил, тврди „24фудбал“.
Следниот меч на Македонија ЃП е во понеделник против Шкендија. Ако проблемите не се решат до тогаш, постои реална можност „ѓорчепетровци“ да излезат на терен со фудбалери од младинскиот погон.