Охрид и Пелистер не се испотија многу - лесно до нови победи!

Ракометарите на Охрид и Пелистер денеска имаа гостински задачи во Суперлигата кои ги решија убедливо, охриѓани со 25-19 славеа кај Бутел, а битолчани со 40-25 победија во Прилеп.
 

За Охрид ова беше четврта последователна победа, вкупно седма по десет одиграни кола.

Охрид имаше фантастичен старт на мечот, поведе со 6-1, но Бутел успеа да се врати и да израмни на 10-10. Сепак охриѓани отидоа со два гола предност на одморот, беше 13-11 за нив.

Брзо во второто полувреме Охрид повторно се одлепи и овојпат не дозволи Бутел да се врати, конечниот резултат беше 25-19 за гостите.

На мечот меѓу Прилеп и Пелистер приказната беше поинаква, на овој меч гостите уште во првото полувреме го решија победникот на овој натпревар. На одморот заминаа со предност од 21-12, па вторите 30 минути беа само формалност. Конечниот резултат беше 40-25 за битолчани.

По десет одиграни кола Пелистер е на третото место со 17 бодови, Охрид е четврти со два бода помалку. Лидер е Вардар со максимални 20 бодови, зад него е Алкалоид со 18.